4117
page-template-default,page,page-id-4117,central-core-1.0.1,ajax_updown_fade,page_not_loaded,

Синопсис

 

15.06.2017

20:00  Крафтверк – „Поп Арт“ (Германија, 60 мин, 2013)

           Kraftwerk – “Pop Art”          

Реж.Ханс Росашер и Симон Витер

 

Крафтверк се сметаат за највлијателната група која се појавила од Германија за време на ’70-те и која изградила чиста електронска естетика што ги опфаќа сите аспекти од современиот живот. Секој албум станал концепт сам по себе, од автопатишта па до возови, од радија до компјутери. Секоја нова фаза била обележана со сосема нов имиџ и естетика, процес што оваа група ја однел во областа на кибернетиката, кога вистински роботи ги зазеле нивното место за време на настапите. Со секое издание тие привлекувале сѐ повеќе и повеќе публика, а имале директно влијание врз музиката на Дејвид Боуви, Joy Division и Африка Бамбата, а потоа и врз следните генерации на електронски музичари како Детроитската музичка сцена. Филмот „Поп Арт“ е портрет на бендот што е инспириран од нивните настапи во Тејт Модерн во 2013. Полн со архивски снимки, сведоштва на современици (Холгер Шукај од CAN), на новинарот Пол Морли, на музичари како Дерек Меј, Франсоа Кеворкиан, графичкиот дизајнер Невил Броди и др.

 

 

21:00 Жан Мишел Жар „Патешествие низ електронската музика“ (Германија, 60 мин, 2015)

Jean Michel Jarre – A Journey Through Electronic Music

Реж. Биргит Хердлитшке

 

Жан Мишел Жар е еден од најуспешните композитори на електронска музика во изминатиот век, којшто продава над 60 милиони изданија, со што заедно со уште неколку групи и музичари е синоним за тоа што се нарекува синт-поп. Покрај  енормните продажби на изданијата, тој е познат и по гигантските шоуа кои се како презентација на најновата технологија за забава. Но има многу повеќе кај ЖМЖ освен неговата популарност и успех. Овој документарен филм претставува портрет на музичар кој живее во сегашноста додека работи врз еден од своите последни проекти Electronic, амбициозен потфат на соработка со плејада современи електронски музичари од различни меридијани – Моби, групата Air, композиторот Ханс Цимер, Пит Таузенд, Гари Њуман  и многу други. Воедно ова е и приказ на неговата богата историја од самите почетоци, неговите родители, почетоците во музиката, успесите и комплицираниот однос со неговиот татко, композиторот Морис Жар.

 

16.06.2017

 

20:00  „1959 – Годината која го променила џезот“ (Велика Британија, 60, 2009)

“1959 – The Year That Changed Jazz”

Реж. Пол Бернајс

 

1959 е годината кога почнале да се случуваат сеизмички промени во џез-музиката, кога неколку музичари скршнале од тогашната форма на би-бапот кон неистражените предели што им овозможиле на некои музичари голема слобода да истражуваат и да се изразуваат. Таа година биле објавени 4 изданија кои не само што биле значајни изданија во кариерата на тие уметници, туку оставиле и голем белег врз џезот и современата музика воопшто, така што тие нивни иновации отвориле нови простори во кои милиони музичари можеле да се изразат. Ова е приказна за изданијата на Мајлс Дејвис – Kind of Blue, Дејв Брубек – Time Out, Орнет Колман – The Shape of Jazz to Come и Чарли Мингас Ah – Um, и сите тие го разграниле џезот кон онаа богата форма што ја познаваме денес. Филмот содржи интервјуа со музичари како Лу Рид, Орнет Колман, Чарли Хејден, Херби Хенкок, Дејв Брубек, реномираните новинари Нет Хентоф, Гари Гидинс и Стенли Крауч, кои ги доловуваат волшебните креативни моменти.

 

 

 

21:00  Девојката од Ипанема: Бразил, боса нова и плажата. (Велика Британија, 60 мин, 2016)

           The Girl from Ipanema: Brazil, Bossa Nova, and the Beach

Реж. Енди Дан

„Девојката од Ипанема“ е песна напишана во 1962 г. од страна на Антонио Карлос Жобим, со стихови од Винисиус де Мораиш, а подоцна преведена на англиски од Норман Гимбел, и таа доловува еден момент кога Бразил го шармирал светот со една опуштена песна за жена која ги маѓепсала и опседнала авторите.

Филмот „Девојката од Ипанема“ е прекрасно музичко патување низ Бразил, неговите плажи, прекрасни планини и клубовите во Рио, во придружба на Кејти Дерхам, која се сретнува со клучните музичари и архитекти на боса новата. Преку средби и сведоштва и интимни настапи, таа ја раскажува приказната зад најпознатата и најуспешна песна која излегла од Бразил.

Самата песна ја претставува суштината на боса новата и трагањето по нејзините корени, разоткривајќи ја приказната за овој фасцинантен музички стил. Создаден од една група млади боеми во Рио во доцните ’50, боса новата прераснала во феномен во ’60, особено во САД, каде што многу песни се нашле во стандардниот џез-репертоар. Кога песната била отпеана од Аструд Жилберто во придружба на Стан Гец, таа се искачила во првите 5 на топ-листата и станала голем хит.

Ништо не ја доловува сликата за Рио подобро од едноставните и заводливи стихови. За само три минути во една прекрасна песна која е всушност спој од самба со американски џез е доловено сѐ што е карактеристично за боса новата: девојки кои се сончаат на плажата Копакабана, момент во историјата на Бразил кога доминирале во светот во областа на фудбалот и на музиката, а во таа приказна своја улога имаат и Жоао Жилберто, Стан Гец, Френк Синатра и Ела Фицџералд.

 

 

17.06.2017

 

19:00 –Блок кратки филмови

„Ејми Вајнхаус: Со свои зборови“ (Велика Британија, 23 мин, 2015)

 BBC.Amy Winehouse: In Her Own Words

Реж.Крис Родли

 

Филмот „Со свои зборови“ е портрет на Ејми Вајнхаус што се состои од интервјуа кои таа ги има дадено за Би-би-си за најразлични документарни проекти, вклучувајќи ги Џез и Соул Британија, а од кои голем дел претходно не се емитувани. Сите тие интервјуа се споени со разни настапи од различни моменти во нејзината кариера, вклучувајќи и неемитувани настапи. За разлика од документарниот филм на Асиф Кападиа “Amy”, којшто го истражува животот и смртта на Ејми Вајнхаус, ова е истражување на нејзината музика и влијанија преку нејзините зборови.

 

-„Мачешкото пијано“ (Австралија, 9 мин. 2009)

   The Cat Piano

Реж.Еди Вајт и Ари Гибсон

 

„Мачешкото пијано“ е краток анимиран филм во нарација на Ник Кејв и е еден вид џез ‘film noir” film. Приказната е сместена во еден сокриен и декадентен мачешки свет. Филмот бил номиниран за Оскар во 2009.

 

„Буика Симфонија“

Buika “Symphony” (Шпанија, 5 мин, 2005)

 

Реж. Рохо Меливео

 

Филм за подготовките за настап на познатата шпанска пејачка на фламенко Буика со Истанбулскиот филхармониски оркестар.

 

 

„Румфил проект“      (Македонија, 9 мин, 2017)

Roomophil Project

Реж. Тања Симоновска

Roomophil Project 313 e краткометражен музички документарен филм во режија, сценарио и продукција на Тања Симоновска. Се работи за почетоците и музичкиот пат низ техно музиката на млади диџеи од Македонија и од Германија. Се раскажува за нивната заемна турнеја во Германија и во Македонија, соработката со Германците, творењето и придонесот  за развој на техно-сцената во Македонија  од страна на момците од триото Роом 313, како и Phonophill и Inkognito. Филмот е сниман во Скопје и во Битола 2016 година, а се користени и архивски снимки на дел од нивните настапи низ Германија.

 

.

 

20:00  Кралиците на џезот: Радоста и болката на џез-дивите  (Велика Британија, 60

            мин, 2013)

           Queens of Jazz: The Joy and Pain of the Jazz Divas

 

           Реж.Крис Родли

 

Кралиците на џезот е приказна за животите на едни од најголемите џез-пејачки во изминатиот век – Били Холидеј, Ела Фицџералд, Нина Симон, Пеги Ли, Сара Вон и Ени Рос. Филмот ги следи тешките почетоци и животи на џез-дивите кога тие почнуваат да настапуваат со големите џез-бендови доминирани од мажи за време на ’30-те и ’40-те, кога настапувале по ноќни клубови и салони. Тоа е турбулентен период полн со родови и расни предрасуди и забрани. Филмот зборува за талентите и упорноста на овие кралици без кои не би опстоиле во тие времиња, а зборува и како се издигнале над сите предрасуди.

 

 

 

21:00  Ела Фицџералд: причина за живеење (САД, 90 мин, 1999)

           American Masters: Ella Fitzgerald – Something To Life For

           Реж.Шарлота Цверин

 

 

Ела Фицџералд е родена на 23 април 1917 и оваа 2017 се слави стогодишнината од нејзиното раѓање. Благословена со веднаш препознатлив глас полн со младешка живост и опсег од три октави, со карактеристичен кристално чист тон, легендарната џез пејачка Ела Фицџералд е, заедно со Били Холидеј, најважната џез-пејачка во 20 век. Неа ја нарекувале „Кралица на џез пеењето“ или „Прва дама на песната“ и овие називи само делумно ги отсликувале неверојатните и неповторливи вокални способности кои таа ги имала. Покрај неверојатните и евидентни технички способности, кога пеела, таа зрачела со радост и искрена страст. Ела живеела за да пее и настапува сѐ до длабока старост кога здравјето ѝ било многу нарушено.

Самиот Френк Синатра, кога требало да пее со неа во дует, рекол: „Ела Фицџералд е единствениот изведувач со кој сум настапувал и поради кој сум се чувствувал нервозен бидејќи морав да се потрудам да бидам на истото ниво. За неа верувам дека е најголемата популарна пејачка во светот, без разлика дали се работи за мажи или жени. Филмот „Некаква причина за живеење“ е дел од серијалот Американски мајстори. Во филмот се прикажува животот на оваа легендарна певица со нарација на легендарниот Тони Бенет.

 

18.06.2017

 

20:00  Задоволството наречено Моцарт (Велика Британија, 2015, 60 мин)

           The Joy of Mozart

Реж. Крис Родли

 

Патешествие со Том Сервис низ градовите каде што Моцарт живеел и творел со цел да ја раскаже приказната за овој гениј од поинаков агол. Притоа, тој ги разоткрива митовите врзани за неговиот живот, начинот на работење, карактерот и преку средби со музичари и историчари, дава поинакво светло за животот и делото на Моцарт.

 

 

21.00 Френк Запа – Современиот композитор одбива да умре (Холандија, 2000, 60 мин)

         Frank Zappa: The Present-Day Composer Refuses to Die

Реж. Франк Ширер

 

Франк Запа бил најплоден композитор во својата доба и тој премостувал жанрови како рок, џез, класична и авангардна музика со мајсторска леснотија. За само 52 години, под неговото име, вклучувајќи ги и Mothers of Invention, тој издал 60 албуми од кои многу биле двојни, па и повеќекратни изданија, што го прави неговиот опус импресивно енормен.

Тоа не е за изненадување бидејќи секој момент од животот бил посветен на компонирање, снимање, едитирање и изведба на музика. Покрај тоа имал време и да продуцира и соработува со музичари како Captain Beefheart, Жан Лук Понти, Grand Funk Railroad, Wild Man Fischer, Лондонскиот симфониски оркестар и берлинскиот Ensemble Modern.

Документарниот филм на Франк Ширер е одличен портрет на Запа како композитор, Запа како концептуалист, Запа како бестрашен индивидуалист – сето ова поткрепено со изјави од членови од семејството на Запа, поранешни соработници и извадоци од бројни настапи со годините.

 

 

22.00 Derrick May & Dzijan Emin Ft. Francesco Tristano & Orchestra Lamoureux 2015 (Франција, 2015, 60 мин)

 

Концертен филм од настапот на Дерик Меј со оркестарот Ламуру и солистот Франческо Тристано, под диригентската палка на Џијан Емин на Weather Festival во Франција.

 

 

19.06.2017

 

20:00   Да живее Рок (САД, 5 мин 2016)

Long Live Rock

Реж. Бенџи Кроце

 

За британскиот фотограф Мик Рок се вели дека е „Човекот кој ги сликал ’70-те“. Помислете на некое големо име во ’70-те и тој работел со него: Дејвид Боуви, Лу Рид, Queen, Сид Берет и Пинк Флојд, Иги Поп, Roxy Music, Sex Pistols, Talking Heads, Blondi и многу други. Всушност, неговата кариера започнала со фотографиите на тогаш сѐ уште непознатиот Дејвид Боуви, непосредно пред Зиги Стардаст и Спајдерсите. Едни од неговите најпознати фотографии ги красат обвивките на легендарните изданија на Лу Рид “Transformer” и Иги Поп и Стуџиз “Raw Power”. Ова кратко видео прикажува како Рок работи на фотосесии и се сеќава на неговите соработки и пријателства со Лу Рид и Дејвид Боуви.

 

Во сеќавање на Лу Рид ( Велика Британија, 2013, 60 мин)

Remembering Lou Reed

Реж. Крис Родли

 

Снимен набргу по смртта на Лу Рид во 2013, филмот е приказ на шарениот и турбулентен живот на еден од најоригиналните ликови од светот на рокенролот.

Со помош на негови пријатели, музичари соработници, критичари и тие кои биле инспирирани не само од неговата музика туку и од неговите контрадикторни ставови и однесување, филмот прикажува како Рид не само што дал свој голем придонес кон музиката што ја карактеризирала секоја декада од ’60-те па наваму, туку и придонел во создавањето на вистинска алтернативна и независна рок-сцена. Паралелно на тоа, неговите стихови и музика послужиле како саундтрак за градот Њујорк, а Лу бил негов урбан поет. Исто така, во 2017 се обележува и 50-годишнината од легендарното деби издание на Velvet Underground. Во филмот учествуваат продуцентот Боб Езрин, фотографот Мик Рок, писателот Пол Остер, музичари како Лени Кеј, Турстон Мур, и многу други.

 

21:00  Дејвид Боуви на Би-би-си (Велика Британија, 2016, 60 мин)

Bowie at the BBC

Реж.  Крис Родли

 

„Дејвид Боуви на Би-би-си“ е портрет на животот и музиката на Дејвид Боуви преку негови изјави, интервјуа и гостувања во емисиите на британскиот сервис Би-би-си, вклучувајќи и многу негови настапи во живо во студијата и емисиите на овој медиум. Филмот почнува од неговите најрани сеќавања со неговото семејство и најраните видеоснимки, па сѐ до последната фаза од неговиот живот со изданието Blackstar и реакцијата на луѓето за неговата смрт.